Охридското Езеро Охридското Езеро е најголемо и најзначајно природно езеро во Македонија и веројатно од биолошки аспект најзначајниот стагнантен воден екосистем во Европа. Се карактеризира со богата историја, културa, археолошки наоѓалишта и природна убавина. Благодарение на ваквите особености, во 1980 година Охридското Езеро и градот Охрид се прогласени за Светско културно наследство, под заштита на УНЕСКО. Светската важност на езерото се потврдува во 2010 г. кога НАСА и Меѓународната астрономска унија решаваат едно од езерата на Урановата месечина Титан да го носи името „Охридско Езеро“ (лат. Ohrid Lacus). Езерото покрива површина од 358,2 km² и се протега во должина од 30,8 km, а најголемата широчина изнесува 14,8 km. Должината на брегот изнесува 87,5 km. Неговата длабочина достигнува до 289 m. Вкупниот волумен на езерото изнесува 58,6 km^3. Езерото е сместено во длабока и затворена котлина, на исток ограничена со планината Галичица (1945 m), а на запад со Јабланица (2257 m). Се наоѓа на надморска височина од 695 метри. Во сливот на Охридското Езеро припаѓаат 40 реки, од кои 23 на албанска и 17 на македонска територија. Потеклото на Охридското Езеро, гледано како езерски систем со Преспанското Езеро е тектонско. Двете езера претставуваат остатоци од базенот на поранешното Десаретско Езеро од кое настануваат по пат на геотектонска депресија за време на Плиоценот (пред 5,3–1,8 милиони години). Неговата геолошка старост се проценува на околу 2–3 милиони години, поради што се вбројува во групата на стари, долго-постоечки езера заедно со Бајкалското, Тангањика, Ховсгол, Титикака. Ваквите езерски екосистеми се сметаат за центри на диверзитет и резервоари на еволуција во кои пред се поради стабилноста на амбиенталната средина, изолираноста на екосистемот и долгото постоење доаѓа до процеси на рапидна еволуција на одредени групи на организми.